Ристески: Ченто е симбол на борба и достоинство, срамно е што некои политичари не му оддадоа почит

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, денеска оддаде почит пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, по повод 68 години од неговата смрт, нарекувајќи го „симбол на визија, борба и достоинство“.

„Ченто не е само дел од историјата – тој е потсетник дека слободата, правдата и државноста се идеали што вреди да се бранат“, напиша Ристески на својот Фејсбук профил. Тој истакна дека како прилепчани, со особена гордост се сеќаваат на неговата саможртва и љубовта кон татковината.

Ристески во објавата остро ги критикува политичките противници, обвинувајќи ги дека не нашле време да се поклонат пред делото на Ченто.

„Штета што овој великан не се најде на агендата на предавниците од СДСМ и шарените квазипатриоти членови на сектата на умисленото лидерче. Димче Апасиев најде време да се поклони на гробот на Енвер Хоџа, но не и на Ченто“, напиша Ристески.

Тој додаде дека ќе продолжи да се бори против лицемерието во политиката и најави дека ќе ја разголува, како што рече, срамната и мизерна политичка практика на игнорирање на историските херои на македонскиот народ.

„Вечна слава за Методија Андонов – Ченто. Нека неговото дело вечно гори како пламен во нашата совест и иднина“, завршува Ристески.