Ракометниот клуб Алкалоид се подготвува за реванш натпреварот против германскиот бундеслигаш Хановер-Бургдорф во квалификациите за Европската лига на ЕХФ. Првиот натпревар заврши со победа на германскиот тим со резултат 37:27, и момците на тренерот Кирил Лазаров сега се соочуваат со тешка задача – да надоместат десет гола негатива за да се пласираат во групната фаза.
Утрешниот натпревар ќе се одигра во салата „Автокоманда“ со почеток во 19:30 часот. Пред почетокот на мечот, на РК Алкалоид ќе му биде врачен пехарот од ЕХФ Европскиот Куп.
Ракометарите на Алкалоид се надеваат на полни трибини и силна поддршка од навивачите за да постигнат подобар резултат.
„Имавме екипно лош ден и технички грешки, сега ни следи реваншот. Се што ни останува е да дадеме 100 отсто од себе на терен и евентуално ако ни се даде шанса, да бидеме подобри од претходно и да го чекаме исходот. Ја повикувам публиката да ни даде поддршка“, изјави ракометарот Валентин Карасманакис.