РК Вардар со нов дрес и специјална промоција: Клуб за сите генерации

Ракометниот клуб Вардар денеска го промовираше новиот дрес со кој ќе настапува во наредните две сезони. Промоцијата е дел од активностите за одбележување на 65-годишниот јубилеј на клубот.

​Во специјално видео објавено на социјалните мрежи, клубот истакна дека новиот дрес е инспириран од Скопското Кале, како симбол на издржливоста и богатата историја на клубот. На дресот се и препознатливите црвено-црни риги, кои, според клубот, треба да ги потсетуваат ракометарите на теренот на големината и славната историја на Вардар.

​„Нека им бидат поттик и патоказ кон враќањето на тронот!“, порачаа од клубот.

​Новиот дрес е само прв чекор во низата настани што РК Вардар ќе ги организира во текот на целата година за да го прослави својот 65-ти роденден. Од клубот изразија благодарност до сите кои помогнале во реализацијата на промотивното видео, со порака: „Клуб за сите генерации – клуб со славно минато!“.