Романите „Тони“ и „Приказни од Sунливото Море“ во финален избор на регионалното признание „Штефица Цвек“

​Вечерта на 3 октомври во Подгорица беше објавен финалниот регионален книжевен избор „Штефица Цвек“ за 2025 година. Во седумте дела од финалната селекција влегоа и две книги од Македонија: „Приказни од Sунливото Море“, роман за деца и млади на Билјана С. Црвенковска (издание на „Чудна шума“), и романот „Тони“ на Румена Бужаровска (издание на „ТРИ“).

​„Штефица Цвек“ е некомпетитивен избор кој четврта година по ред ги обединува најзначајните книжевни дела од БХСЦ и македонското јазично подрачје. Изборот се фокусира на дела создадени од феминистички, антифашистички, еколошки, антиколонијални и други левичарски перспективи. Досега признанието беше презентирано во Белград, Загреб и Сараево, а препознаено е како простор за афирмација на гласови кои ги поместуваат границите на литературата и општествениот ангажман.

​Оваа година за изборот беа номинирани повеќе од 100 книжевни наслови објавени во текот на 2024 година. Првото жири (Ивана Голијанин, Филип Кучековиќ, Душица Лазова, Марија Божиќ и Борисав Матиќ) изборот го сведе на 22 книги, по што второто жири (Марија Бошковска, Ивана Дражиќ и Матеј Вребац) ја скрои финалната селекција.

​Второто жири изјави дека барале книги кои ќе ги „растресат кроевите и силуетите на регионалната книжевност“, инсистирајќи на оние кои најмногу инсистираат на несовршеноста на светот, кои се осмелуваат да го вознемират хоризонтот на очекувањата и кои отвораат простор за трансформација на стварноста.

​Во потесниот избор, покрај делата од Македонија, влегоа и: “Duž oštrog noža leti ptica” на Тања Ступар Трифуновиќ, “Kako se razbijaju tanjurići” на Мак Маслаќ, “Prazne kuće” на Данка Ивановиќ, “Pupčana vrpca” на Луција Тунковиќ и “Stolica bez naslona” на Данијела Репман.

​Образложението на жири-комисијата за романот „Приказни од Sунливото Море“ на Билјана С. Црвенковска гласи:

​„Оваа книга за деца би им ја препорачале на сите читатели, и големи и мали, бидејќи станува збор за приказна која обилува со фантазија, а сепак се занимава со реални и актуелни „жешки“ теми. Во магичниот универзум кој го гради Црвенковска, протагонистот Ален јасно ги комуницира темите на врсничко насилство, родовите улоги, еколошката свест и прифаќањето на различностите.“

​Жирито додаде дека процесот на иницијација е вешто изграден и прилагоден за најмладите читатели, а на јазично ниво, книгата „не разочарува“ со својот чист, јасен и разигран израз, постигнат со смело воведување на новоизмислени зборови и актуелизирање на некои заборавени изрази.