Општина Кисела Вода годинава слави седум децении постоење со културно лето полно настани за сите генерации, а централниот концерт ќе го одбележи светски познатиот диџеј и добитник на Греми – Роџер Санчез!
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција ја најави манифестацијата „Сѐ е на свое место“, што нуди богата, квалитетна и разновидна програма. Во рамките на прославата ќе се одржат концерти, семејни настани, изложби и свечена седница на Советот со доделување статуетки за заслужни граѓани.
– Кисела Вода не гради само улици и училишта, туку и спомени, заедништво и културни вредности – истакна Ѓорѓиевски.
На 26 јуни, македонската публика ќе има ретка можност да го слушне Роџер Санчез во живо, додека на 29 јуни во Паркот Македонија ќе се одржи „Семеен ден“ со целосно бесплатна програма од 10:30 до 14:00 часот.
Кисела Вода уште еднаш се позиционира како општина на урбаната култура, забавата и живата традиција.