Русија и Украина денес повторно на преговарачка маса во Истанбул

Нова рунда преговори меѓу претставници на Русија и Украина ќе се одржи денеска во Истанбул, во обид да се најде пат кон завршување на војната која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.

Разговорите се закажани за 12 часот и ќе се одржат во палатата Чираган, луксузен хотел на Босфорот, поранешна отоманска царска резиденција, соопшти турското Министерство за надворешни работи.

Средбата се случува само еден ден по еден од најдрските украински напади на руска територија досега. Украинската Служба за безбедност информира дека во масовен напад со беспилотни летала биле погодени четири руски воени аеродроми, при што биле оштетени десетици авиони, вклучувајќи и стратешки бомбардери – длабоко во Сибир.

Првата рунда преговори беше одржана на 16 мај, во претседателската палата Долмабахче, кога двете страни се согласија за голема размена на 1.000 воени заробеници и отворија можност за натамошни разговори, вклучително и за евентуален прекин на огнот.

Размената на заробеници е целосно спроведена на 25 мај, што се смета за позитивен сигнал дека дијалогот има потенцијал да продолжи.

Меѓународната заедница со интерес го следи развојот, додека Турција повторно ја зајакнува својата улога како активен медијатор во конфликтот.