Русија користи официјална веб-страница за „трговија“ со киднапирани украински деца

Русија, на официјална платформа, прикажува фотографии и детални описи на киднапирани украински деца, како „производи“ на онлајн-пазар, што предизвика остра осуда од меѓународната јавност. На веб-страницата се прикажани фотографии од деца со цело лице, нивната возраст, боја на очи, здравствена состојба, па дури и „ниво на послушност“, што го отвора прашањето за државно спонзорирана трговија со деца.

​„Ова не е грижа, туку воено злосторство“

​Според Микола Кулеба, извршен директор на организацијата „Спаси ја Украина“, околу 294 деца се ставени во овој електронски каталог. Тој на социјалната мрежа X напиша дека децата се претставени како производи што можат да се сортираат по различни критериуми.

„Овие деца не се “воени сирачиња” . Тие имаа имиња, семејства и украинско државјанство“, додаде Кулеба, нагласувајќи дека многумина од нив биле насилно одземени од своите семејства и регистрирани со нови документи.

​Русија, од 2014 година, систематски киднапира деца од окупираните региони, ги преименува и ги сместува кај руски семејства. Новите закони, пак, ѝ дозволуваат на државата дури и да им ги промени презимињата и датумите на раѓање, што меѓународните експерти го оценуваат како воено злосторство.

Сомнежи за експлоатација и регрутирање

​Освен сомнителните практики за „посвојување“, постојат и сериозни стравувања дека децата се изложени на ризик од сексуална и трудова експлоатација, па дури и на вадење органи. Некои од децата се опишани со термини како „послушни“, што дополнително ја засилува загриженоста.

​Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, минатиот месец предупреди дека некои од постарите киднапирани тинејџери биле регрутирани и испратени на бојното поле да се борат против својата земја.

​Ова масовно киднапирање е една од причините поради која Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин во 2023 година. Според проценките на Киев, Русија има киднапирано околу 35.000 украински деца од почетокот на инвазијата.