Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари проштална средба со претставничката на УСАИД, Џери Дибл, во присуство на амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Во знак на благодарност за повеќегодишната поддршка, Сиљановска-Давкова нагласи дека американските програми и проекти оставиле значаен печат во земјата и дека дел од македонскиот развој се должи токму на фондовите од УСАИД. Таа порача дека очекува успешно финализирање на започнатите активности, без оглед на најавеното повлекување.
– Со САД како наш стратешки партнер, постојат неискористени можности за унапредување на соработката, особено во економијата – истакна претседателката, додавајќи дека македонската страна останува отворена за продлабочување на билатералните односи.
Претставничката на УСАИД, Џери Дибл, откри дека во последните три децении, преку различни проекти и програми, САД инвестирале вкупно 900 милиони долари во државава. И покрај последните кратења на буџетските средства, таа изрази надеж дека со помош на амбасадата и другите меѓународни партнери, ќе се пронајде начин за успешна реализација на преостанатите иницијативи.
Амбасадорката Анџела Агелер, пак, отворено ја искажа својата загриженост поради затворањето на Канцеларијата на УСАИД, но потврди дека американската амбасада ќе продолжи да работи со Владата и останатите партнери за финализирање на клучните програми што се во тек.