САД и европските земји подготвуваат сценарија за безбедносни гаранции за Украина

Пентагон денеска соопшти дека воени претставници од САД и неколку европски земји работат на сценарија за безбедносни гаранции за Украина по завршување на војната. Ова доаѓа по ветувањето на претседателот Доналд Трамп дека САД ќе помогнат во заштитата на земјата.

​Сценаријата ќе им бидат презентирани на советниците за национална безбедност на секоја земја вклучена во тековните дипломатски напори, се наведува во соопштението на Пентагон.

​Средби на министрите за одбрана

​Во Вашингтон од 19 август до денеска се одржаа средби на министрите за одбрана на САД, Финска, Франција, Германија, Италија, Велика Британија и Украина.

​Неименувани американски претставници предупредија дека ќе биде потребно време за да се утврди што би било воено изводливо и прифатливо за Кремљ.

​Иако Украина и европските сојузници се охрабрени од ветувањето на Трамп, многу прашања сè уште се отворени. Една од можностите е во Украина да бидат распоредени војски од европските земји, додека САД би биле одговорни за командата и контролата. Сепак, Русија веднаш го отфрли предлогот војници од земјите-членки на НАТО да го гарантираат идниот мировен договор.