Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, на митинг во Струга истакна дека со преземањето на Владата, ВМРО-ДПМНЕ покажало како за година и половина може да се реализираат многу проекти. Тој порача дека сега е редот на Струга да добие надеж за развој и пораз на криминалот и корупцијата.
Сајкоски нагласи дека од новите советници на Општина Струга и од граѓаните во извршната власт се очекува да испорачаат проекти за подостоинствено живеење и подобар квалитет на животот.
Сајкоски остро ја критикуваше актуелната власт во Струга, обвинувајќи дека градот е во рацете на луѓе кои „немаат чувство ни за своите, ни за туѓите“ и кои се борат само за себе, тонејќи во криминал.
„ДУИ направи штета и за своите, и за Албанците, и за Македонците, Турците, Ромите и другите граѓани и во Струга и во другите региони,“ истакна Сајкоски.
Тој ги повика сите стружани на овие локални избори да направат „референдумско гласање“ во Струга за да се поразат сите политички чинители и да му се даде нова надеж на градот.
Сајкоски посочи дека Струга изминатите години беше препознаена по неработење и криминал, но со гласање за број 9, градот ќе стане посакувана туристичка дестинација за сите граѓани од Македонија и регионот.
„Време е за Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето Место! За твојата иднина!“ заклучи Сајкоски.