Општинската организација на СДСМ Аеродром остро реагира на, како што го нарекуваат, скандалозен чин во кој официјалниот профил на основното училиште „Браќа Миладиновци“ споделил видео-спот од политичка кампања за локалните избори. СДСМ го осудува овој потег како директно прекршување на законите и срамно партизирање на јавните институции.
Од партијата нагласуваат дека училиштата се места за образование и градење вредности, а не алатка за партиска промоција.

„Злоупотребата на училишните профили и, уште полошо, можната злоупотреба на деца во политичка кампања е крајно недозволива и опасна,“ стои во соопштението.
СДСМ Аеродром најави дека ќе поднесе соодветна пријава до надлежните институции и бара итна реакција:
Министерството за образование и наука (МОН).
Државната изборна комисија (ДИК).
Целта на пријавата е да се утврди одговорноста и да се санкционира обидот за партизирање на образовниот систем.
„Јавните институции се на граѓаните, не на партиите. Ќе се спротивставиме на секој обид децата и училиштата да се користат како средство за политичка пропаганда,“ порачаа од СДСМ Аеродром.