СДСМ: Алармантни 20 милиони килограми грозје стојат неоткупени

​На прес-конференција, претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ, Трајан Димковски, изјави дека состојбата со откупот на винското грозје е алармантна, бидејќи повеќе од 20 милиони килограми грозје сè уште стојат неоткупени. Според него, бербата е при крај, а лозарите се оставени сами, без поддршка од власта.

​Димковски ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека не ги заштитила лозарите, дозволувајќи винариите да манипулираат со цените и откупот. Тој изрази сомнеж дека целта на власта е да се намали квалитетот на грозјето, со што би се овозможил откуп по пониски цени.

​Како што истакна Димковски, иако Владата ветува дека „сè ќе биде откупено“, реалноста на терен е поинаква, а откупот се одвива забавено. Тој ги нарече манипулација најавите дека винаријата „Вардар“ ќе го откупи вишокот грозје, бидејќи таа има капацитет за откуп од само седум милиони килограми и последен пат откупувала во 2020 година.

​Димковски го повика премиерот Христијан Мицкоски да излезе на терен и да понуди реални решенија.

​На крајот, Димковски потсети дека владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржало предлог-законот на СДСМ за дополнителна финансиска поддршка од три денари по килограм грозје и укинување на одредбата за намалување на откупната цена за осум проценти. СДСМ вети дека ќе продолжи да се бори за правата на лозарите.