Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска на прес-конференција истакна дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е должна веднаш да ја изврши декласификацијата на документите поврзани со случајот што, како што рече, власта се обидува да го претстави како скандал.
„Законот е јасен – документите ги декласифицира институцијата што ги класифицирала. Во овој случај тоа е АНБ. Обидот да се прикрие одговорноста зад судски постапки или други изговори е невистинит и манипулативен“, изјави Петровска.
Таа нагласи дека СДСМ бара итна декласификација на целата документација со цел јавноста да добие целосни и точни информации. „Граѓаните не смеат да бидат изложени на нецелосни, конфузни и недоречени изјави. Декласификацијата е единствениот начин вистината да излезе на виделина“, додаде Петровска.
Пратеничката потсети на член 14 од Законот за класифицирани информации, според кој „оној што класифицира, тој и декласифицира“. Дополнително, таа се повика и на член 20, кој предвидува дека информација не може да остане класифицирана доколку со неа се прикрива кривично дело, злоупотреба на функцијата или друг незаконски акт.
„Ако власта навистина тврди дека постоела злоупотреба, тогаш законот овозможува веднаш да се изврши декласификација, без одолговлекување и изговори“, рече Петровска.
Како втор чекор кон откривање на вистината, таа го посочи итното свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ, која, според неа, треба да спроведе увид во документацијата и да ја информира јавноста за наодите.
Петровска предупреди дека односот на власта кон безбедносно-разузнавачкиот сектор покажува дека нема капацитет за сериозни реформи, особено не за спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање (АР). „Ова не е механичка операција, туку сложена реформа која, доколку не се спроведе во интерес на државата, може да предизвика несогледливи последици“, порача таа.
„АНБ е столб на националната безбедност. Таа институција е клучна за заштита на државата, граѓаните и уставниот поредок и не смее да се дозволи нејзина злоупотреба или окупација. Тоа е директна закана за безбедноста и за стабилноста на државата“, заклучи Петровска.