На денешниот „Тиквешки гроздобер“, претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ, Трајан Димковски, изјави дека лозарите се соочуваат со разочараност и неизвесност, обвинувајќи ја владата дека ги штити големите бизниси, а не земјоделците.
Димковски потсети дека пратеничката група на СДСМ поднела предлог за дополнителна финансиска поддршка од 3 денари за килограм грозје, но досега нема никаков одговор од владејачкото мнозинство.
„Додека бербата и откупот на винското грозје се ближат кон крајот, нема најава ниту дали, ниту кога ќе биде ставен на дневен ред предлогот“, рече Димковски.
Тој ја критикуваше владата дека наместо да ги поддржи лозарите, им дала 2 денари поддршка на винариите, кои, според него, увезуваат вино и го намалуваат откупот на домашното грозје.
Димковски ја повика владата да провери колку вино е увезено и за која намена, бидејќи, како што вели, недозволиво е да се увезува вино среде берба.
Покрај тоа, тој истакна дека владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не ја објавиле производната цена на грозјето, со што ги ослободиле винариите од обврската да ја почитуваат методологијата за одредување на цената.
На крајот, Димковски ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат предлог-законот за дополнителна поддршка од 3 денари, како и за укинување на одредбата што дозволува 8% намалување на откупната цена, со што би им се помогнало на лозарите да имаат исплатливо производство и фер услови за откуп.