СДСМ бара оставка од министерот Тошковски и разрешување на СВР Велес по трагедијата

По трагичниот настан во Велес, каде поранешен партнер уби жена и нејзиниот татко, Зана Џаферовска од Форумот на Жени на СДСМ денеска излезе со изјава пред Министерството за внатрешни работи. Таа побара итно разрешување на целиот СВР Велес, како и одговорност од министерот Панче Тошковски.

​Џаферовска нагласи дека трагедијата можела да биде спречена бидејќи жртвата повеќепати пријавувала закани и насилство, според некои медиуми, над 70 пати.

​„Полицијата знаела, социјалните служби знаеле, институциите не мрднале со прст“, изјави таа.

​Од СДСМ порачаа дека институциите не успеале да заштитат два човечки животи и дека нивното молчење довело до фатални последици.

​„Ова е порака до сите нас дека системот потфрли. А кога системот не ги штити жените тогаш мора да има одговорност и тој систем мора да се промени од корен“, истакна Џаферовска.

​На крајот, таа праша: „Уште колку човечки животи треба да згаснат за Тошковски да понесе одговорност?“