На прес-конференција, потпретседателот на СДММ, Јовица Јанковиќ, истакна дека СДСМ бара итно разрешување на в.д. директорката на Националната агенција за европски образовни програми, Ана Михајлов. Според Јанковиќ, ова е клучно за непристрасна истрага за злоупотреба на милиони евра европски пари.
СДСМ потсетува на извештајот на ОЛАФ (Европската канцеларија за борба против измами) од 2023 година, кој наведува сомнежи за злоупотреба на над 2 милиони евра. Овие злоупотреби наводно се случиле во периодот кога Михајлов била одговорно лице за евалуаторите.
Јанковиќ јавно праша дали со назначувањето на Михајлов, Владата на Христијан Мицкоски има за цел да ја блокира истрагата на Јавното обвинителство. Тој додаде дека има и информации од свиркачи за доделени над 8 милиони евра на фирми под сомнителни околности, што исто така треба да се истражи.
СДСМ бара Владата да одговори зошто изборот на в.д. директор бил направен без согласност на Европската унија и обвинува дека власта ги штити своите партиски и бизнис интереси.
СДСМ има две конкретни барања:
Владата да ја разреши в.д. директорката Ана Михајлов.
Јавното обвинителство итно да постапи по наодите на ОЛАФ и да ги процесуира сите инволвирани лица.
На крајот, Јанковиќ нагласи дека европските пари наменети за младите и образованието не смеат да се злоупотребуваат и дека одговорност мора да има веднаш.