СДСМ обвини дека најавеното линеарно зголемување на пензиите за 1.000 денари е „историска измама“ на пензионерите и нов удар врз нивниот стандард.
„Пензионерите ќе бидат оштетени двапати – прво во септември, а потоа и во март следната година“, се вели во партиското соопштение.
Според СДСМ, ако Владата не го менувала важечкиот закон – донесен токму од СДСМ – пензиите ќе се усогласуваа двапати годишно, во март и септември, според реалниот раст на платите и трошоците за живот. Тоа, велат, ќе донесело повисоко покачување за многу пензионери.
„На пример, за пензија од 25.000 денари, зголемувањето требаше да биде 1.250 денари, но со линеарното зголемување добиваат само 1.000. За пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, повторно добиваат само 1.000 денари – што значи двојно помалку“, нагласуваат од партијата.
СДСМ најави дека ќе излезе со детална пресметка и факти, со цел, како што велат, македонските пензионери јасно да разберат за каква манипулација станува збор.
Партијата апелира Владата да не ги потценува пензионерите и да не носи популистички мерки кои, според нив, на крајот резултираат со реално губење на вредноста на пензиите.