Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со соопштение во кое ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за еколошката состојба во Скопје, тврдејќи дека градот и регионот се соочуваат со еколошка катастрофа поради нерешениот проблем со дивите депонии.
„На Скопје и на пола Македонија им се заканува еколошка катастрофа поради тоа што четири години ВМРО-ДПМНЕ не мрдна со прст да го реши проблемот со депониите“, се вели во соопштението.
СДСМ посочува дека илјадници граѓани се изложени на канцерогени материи бидејќи, како што велат, „неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ дозволи дивите депонии да станат еколошки бомби“.
Во соопштението се нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ ветиле чистење на депониите и изнаоѓање решение, но по четири години, резултатот е „задушен град и огромен ризик по здравјето на скопјани“.
СДСМ го повика претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски, да излезе и да им објасни на граѓаните зошто не се решени проблемите со депониите Вардариште и Дрисла.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го загушија Скопје и ја трујат Македонија, и токму тие се најголемите виновници за еколошката катастрофа што се случува“, се заклучува во соопштението.