СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е во паника, СДСМ ќе освои повеќе општини од нив во 2017 година

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со соопштение во кое тврди дека ВМРО-ДПМНЕ е во паника од изборните резултати и дека не може да се помири со фактот дека СДСМ останува најсилна опозициска партија, која е на пат да освои повеќе општини отколку што ВМРО-ДПМНЕ освои на локалните избори во 2017 година.

​СДСМ го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека е во шок од изборниот резултат, иако се обидува „триумфалистички да ја труе јавноста“.

​„Факт е дека изгубија 140.000 гласови, факт е дека доколку утре би имало парламентарни избори би освоиле 7 пратеници помалку и дека пропаднаа сите планови за пасокизација на СДСМ на која толку многу работеа“, се вели во соопштението на СДСМ.

​Според СДСМ, граѓаните јасно го поразиле и коалицискиот партнер на Мицкоски, Движењето ЗНАМ, кое требало да биде „тројанскиот коњ“ за делење на СДСМ, но сега е на пат на исчезнување.

​„Затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мораат да пуштаат секојдневни соопштенија за лажно да ги мотивираат своите гласачи, но реалноста е сосема поинаква“, порачуваат од СДСМ.

​Партијата најави дека продолжува со својата кампања во 17 општини и ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање во вториот круг, за да ги поддржат нивните „чесни и докажани кандидати“.