​СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и министерот Љутков се директно одговорни за рушењето на домот на Владо Малески во Струга

СДСМ излезе со остра реакција по рушењето на домот на Владо Малески во Струга, обвинувајќи дека тоа е резултат на „системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

​Од партијата посочуваат дека Управата за заштита на културното наследство не презема ништо и молчи, прашувајќи дали тоа е поради блискост на рушителите со власта или поради служење на политичките и бизнис интереси на ВМРО-ДПМНЕ.

​СДСМ бара оставка од министерот за култура, Зоран Љутков, поради, како што велат, неделување и занимавање со партиска кампања, наместо со заштита на културното наследство.

​„Владо Малески не е само име од учебник, тој е авторот на текстот на македонската химна, дел од нашата државност и културен идентитет. Рушењето на неговиот дом е удар врз македонската култура, меморија и достоинство“, се вели во реакцијата.

​СДСМ бара:

​Итна и целосна истрага за случајот.

​Одговорност од Управата за заштита на културното наследство.

​Оставка од министерот Љутков.

​Итна реставрација и заштита на објектите со историско и културно значење во Струга.

​Од партијата порачаа дека ова е цивилизациски пад и дека ќе се борат овој срам да не остане неказнет.