СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ шири лаги за увозот на отпад, СДСМ гласаше за забрана

СДСМ денеска ја обвини партијата ВМРО-ДПМНЕ дека шири лаги и манипулира со јавноста, тврдејќи дека СДСМ гласале за увоз на отпад. Во соопштението, СДСМ јасно посочи дека нивниот став е спротивен.

​„Не е точно дека СДСМ и Шукова гласале за Закон за увоз на отпад туку сосема спротивно СДСМ гласаше за Законот за забрана за увоз на отпад кој се користи како енергенс“, се вели во соопштението.

​Шукова беше предводник на политиките за заштита на животната средина

​Партијата потсетува дека овој став бил јасно соопштен уште во 2020 година од страна на Каја Шукова, тогаш претседателка на Комисијата за животна средина, а денес потпретседателка на партијата и кандидатка за градоначалник на Скопје.

​Во реакцијата, СДСМ истакнува дека е лицемерно ВМРО-ДПМНЕ да зборува за заштита на животната средина, бидејќи за време на нивното владеење се увезувале над 100.000 тони опасен отпад. Со доаѓањето на СДСМ на власт, оваа бројка била намалена на само 2.600 тони, а започнало и расчистувањето на ОХИС и другите опасни депонии.

​„Граѓаните јасно знаат дека СДСМ ги носеше вистинските мерки за заштита на животната средина, Шукова беше предводник на тие политики“, се наведува во соопштението.