На прес-конференцијата, портпаролката на СДСМ, Маја Борозан, јавно го прозва ВМРО-ДПМНЕ поради нивниот молк по апсењето на 15 лица – меѓу кои директори, полициски началници и шумски полицајци – осомничени за „злосторничко здружување и пустошење на шуми“ во Малешевијата со проценета штета од над 100 милиони евра.
СДСМ постави директни прашања поврзани со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Виница, Митко Костадиновски:
Дали ВМРО-ДПМНЕ молчи затоа што во „периметарот“ на акцијата се наоѓа и Митко Костадиновски, кој е и началник на шумската полиција и кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ?
Дали Костадиновски и началникот на ОВР Делчево, Блашко, се „создавачи на ова злосторничко здружување“ и партнери во криминалот?
Дали истите двајца го координирале движењето на незаконски исечената дрвна маса која завршувала во една делчевска компанија?
Борозан нагласи дека како началник на шумската полиција, Костадиновски ја има највисоката раководна позиција задолжена за чување на шумите и спречување на бесправна сеча.
„Или началникот на шумската полиција Митко Костадиновски е инволвиран, или кандидатот за градоначалник на општина Виница од ВМРО ДПМНЕ е неспособен соодветно да ја извршува својата функција. Трето нема“, истакна Борозан.
СДСМ додаде дека Костадиновски има и судска пресуда од 2012 година за недозволено држење оружје и муниција, заклучувајќи дека тој „не може и не смее да биде прв човек на Виница“.