Потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, на денешната прес-конференција го обвини премиерот Христијан Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски, дека одбиваат да ја декласифицираат документацијата која би требало да го потврди случајот со наводното следење на Мицкоски.
Илиевски наведе дека власта не само што нема храброст да ги декласифицира документите, туку и активно ја саботира работата на надзорната собраниска комисија за работата на АНБ и АР. Тој нагласи дека вчерашната седница на комисијата била мистериозно откажана, иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ претходно инсистирале на итност.
Потпретседателот на СДСМ постави неколку прашања, упатени до Мицкоски:
Дали се плаши од содржината на документите кои би можеле да ги покажат неговите врски со странски служби од непријателски држави?
Дали е точно дека оперативната обработка била во врска со откривање на руски агентурни мрежи, екстремизам и финансирање на дестабилизација на државата?
Дали е точно дека Мицкоски „влетал во комуникација со лица кои имаат за цел да ја дестабилизираат државата, а биле финансирани од странски пари“?
Дали дел од овие пари завршиле кај Мицкоски или во сефовите на ВМРО-ДПМНЕ?
Илиевски ја повика власта веднаш да ја декласифицира документацијата, бидејќи, како што рече, „македонската јавност заслужува да ја знае вистината“.