Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција ја повика владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веднаш да ги декласифицира документите поврзани со „шпионската афера“. Според неа, власта се обидува со измислени скандали да ја дефокусира јавноста од сопствената неспособност.
Кузеска тврди дека случајот со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) бил подготвуван со месеци за пред избори, но „им пукнал како бомба во раката“.
„Не чекајте ништо, не одолговлекувајте, не бегајте. Нека видат граѓаните дали бил вистински следен премиерот, кој бил следен, со кого комуницирал тој“, порача Кузеска.
Портпаролката на СДСМ отворено постави неколку прашања до власта и премиерот Христијан Мицкоски:
- Дали содржината на документите ќе ги разоткрие врските на премиерот со странски служби од непријателски држави?
- Дали оперативната обработка се однесува на откривање на руски агентурни мрежи, екстремизам и финансирање на дестабилизација?
- Дали е точно дека Мицкоски „влетал во комуникација со лица кои работат на дестабилизација на Македонија, финансирани со странски пари“?
- Дали дел од тие пари завршиле лично кај Христијан Мицкоски или во сефовите на ВМРО-ДПМНЕ?
На крајот, Кузеска порача дека СДСМ нема од што да се плаши, и дека власта има можност да ги декласифицира документите за еден ден, согласно закон. „Прашањето е: од што се плаши власта и Мицкоски?“, заклучи таа.