СДСМ: Дејан Салтировски е првото заштитено лице во трагедијата од дискотеката „Пулс“ – обвинителството под целосна контрола на власта

СДСМ денес на прес-конференција обвини дека власта, предводена од Христијан Мицкоски, стои зад обидот за заташкување на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 млади лица, а над 200 беа повредени. Потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, изјави дека истрагата е затворена без ниту еден осомничен од редовите на актуелната власт, и покрај бројните индиции.

„Мицкоски ги искористи сите механизми на моќ – уцени, притисоци, закани – за да ги заштити своите блиски луѓе. Првото лице кое е заштитено е Дејан Салтировски, тогашен началник на СВР Штип“, рече Шукова.

Таа посочи дека обвинителот Љубомир Коцевски, кој претходно бил под притисок дека ќе биде сменет, ја затворил истрагата без да поднесе обвиненија против ниту еден функционер од ВМРО-ДПМНЕ. Според СДСМ, ова фрла сомнеж за сериозен политички притисок врз обвинителството.

Партијата побара одговори на неколку клучни прашања:

  • Дали постои писмена наредба за акциска контрола во која се наведува затворање на вратите на дискотеката, спротивно на стандардните оперативни процедури, и кој ја потпишал таа наредба?
  • Зошто, и покрај евентуалното постоење на ваков документ, не е поднесено обвинение против ниту еден полициски функционер?
  • Зошто не е обвинет Салтировски, кој – според тврдењата – знаел или морал да знае за содржината на наредбата?
  • Зошто обвинителството не го објави видеото на кое, според СДСМ, се гледа Салтировски пред дискотеката во периодот од 00:30 до 01:20 часот?
  • Дали е точно дека Салтировски фалсификувал документација за да покаже дека не бил на работа таа вечер?
  • Дали е точна информацијата дека тој е во кумовска врска со Орце Тодоровски – Ефто, близок соработник и партнер на Мицкоски во бизнисот со хидроцентрали?
  • Дали постои поврзаност со министерот Панче Тошковски, кој, наводно, го застапувал Салтировски како адвокат и преку кој биле испумпувани државни средства?
  • Како е можно лице што, наводно, подолг период не можело да добие безбедносен сертификат, да биде поставено на висока позиција во МВР?

„Мајките завиени во црно и стотиците повредени заслужуваат правда. Обвинителството мора да се ослободи од стегите на политичкото влијание, затоа што селективната правда – е неправда“, истакна Шукова.

Таа најави дека СДСМ ќе продолжи со објавување информации поврзани со случајот „Пулс“, сè додека не се обезбеди одговорност и не се расчисти целата вистина.

„Ова е само прв во низата прес-конференции што ќе ги одржиме за трагедијата во Кочани“, заклучи Шукова.