На денешната прес-конференција, Фатон Бејта, претседател на Комисијата за надворешни работи на СДСМ и поранешен амбасадор, остро ја нападна надворешната политика под раководство на актуелниот министер Тимчо Муцунски, обвинувајќи го за партизација, непрофесионалност и распад на Министерството за надворешни работи.
„Откако Муцунски стана министер, сме сведоци на целосен дебакл на надворешната политика. Македонија бележи само порази, без ниту еден успех на меѓународен план. Земјата тоне во дипломатска изолација“, изјави Бејта.
СДСМ посочи дека МНР е претворено во партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ, со кадри поставувани по партиска, а не професионална линија. Како примери беа наведени:
- Веле Трепевски, предложен за амбасадор во Албанија, без соодветни квалификации.
- Горан Трајков, унапреден во министер-советник иако не ги исполнувал законските услови.
- Никола Гугоски, испратен во Истанбул, иако, според СДСМ, делува по партиски директиви.
- Васко Дамчевски, двапати унапреден, сега назначен во Конзулатот во Солун – токму каде што, како што се посочува, му студира детето.
„Партизацијата се спроведува и преку злоупотреба на системот за испомош. Дипломати веднаш по враќање од мандат повторно се испраќаат во странство – случаи има во Париз, Берлин и други мисии“, рече Бејта.
Тој предупреди и на состојбата во самото министерство: „Нема вода во тоалетите, не работи системот за ладење, недостигаат основни материјали за работа. Во меѓувреме, над 20 лица се ангажирани со договор за дело, дел од нив дури и не доаѓаат на работа.“
СДСМ повика на итна реакција од страна на претседателката Гордана Силјановска-Давкова: „Да не стане соучесник во институционалниот распад и партизација на дипломатијата.“
Партијата најави дека ќе се спротивстави на оваа практика и ќе се залага за достоинствена, професионална и независна надворешна политика.