Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) соопшти дека, иако постигнатиот резултат не е посакуван, партијата бележи стабилизација и раст во повеќе општини и ја намалува разликата во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ ги отфрлаат тврдењата за „огромен триумф“ на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека владејачката коалиција изгубила над 155.000 гласови во споредба со минатогодишните избори.
СДСМ посочува дека вкупниот број на освоени гласови јасно укажува на промена на амбиентот, бидејќи ја намалуваат разликата во однос на ВМРО-ДПМНЕ, ја зголемуваат предноста во однос на ЗНАМ и одржуваат стабилна предност пред Левица.
Партијата тврди дека ВМРО-ДПМНЕ „попусто се обидува да прикаже огромен триумф“, бидејќи реалноста покажува голем пад во довербата во владините партнери.
„И покрај сите притисоци, уцени, поткуп и злоупотреба на сите полуги на власта, ВМРО-ДПМНЕ изгуби речиси 140.000 гласа од минатогодишните избори. Со ова, ВМРО-ДПМНЕ падна дури и под резултатот од 2021 година. Заедно со ЗНАМ, владејачките партии изгубија над 155.000 гласови“, се вели во соопштението.
СДСМ најавува дека ќе продолжи да работи на консолидација на партијата и на победа во повеќе општини во вториот круг. Тие истакнуваат дека имаат солидни резултати во повеќе општини, но признаваат дека има и места каде што е потребно да се работи за зголемување на поддршката, имајќи предвид дека на овие избори дел од гласовите биле одземени од независни кандидати и листи кои, според нив, црпеле гласови пред сè од опозицискиот табор.
Партијата најавува и зголемување на коалицискиот капацитет во вториот круг, повикувајќи ги своите членови и граѓаните кои гласале за кандидати кои не влегле во вториот круг, масовно да ја дадат поддршката за нивните кандидати.
На крајот, СДСМ им порачува на ВМРО-ДПМНЕ „наместо да се бават со СДСМ и бараат оставки, да се соочат со фактот дека нивните политики во изминатата година се катастрофални, а падот на гласови се должи токму на тоа“.