По денешната прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, со остра реакција се огласија од СДСМ, обвинувајќи ја опозициската партија за ширење параноја, дефокус од реалните проблеми и враќање на реториката од времето на Никола Груевски.
„Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се фати во скандали или ќе доживее неуспех на меѓународна сцена, почнуваат да шират теории на заговор“, стои во реакцијата на СДСМ. Од партијата додаваат дека „жолтите комбиња од времето на Груевски се вратија, но граѓаните не се наивни и не веруваат во вакви будалаштини“.
Социјалдемократите остро го критикуваат Миле Лефков, велејќи дека наместо да се повлече по, како што наведуваат, „неговите глупости“, тој продолжува да се појавува и да изнесува „измислени фантазии“.
СДСМ тврди дека единствените што досега нанеле штета на македонските интереси се ВМРО-ДПМНЕ и Тимчо Муцунски, повикувајќи на одговорност по „дебаклот во Европскиот парламент и блокадата на европскиот пат на државата“.
„Македонија не е филм, туку држава со граѓани кои се соочуваат со реални проблеми и заслужуваат реални решенија“, порачуваат од СДСМ, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека секој јавен настап ѝ се претвора во „театар на апсурдот“.