Комисијата за здравство на СДСМ, преку изјава на Елена Радеска, остро реагираше на нарко-скандалот со разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, барајќи одговорноста да не заврши само со неговото повлекување и разрешување. СДСМ инсистира на кривична одговорност и темелна истрага за целокупното негово работење.
„Ова е мега скандал на власта и мора да има кривична одговорност, темелна истрага на целокупната негова работа, бидејќи за здравството се работи и за здравјето на луѓето,“ изјави Радеска.
СДСМ предупредува дека лице што управува со здравствена установа, а користело дрога, отвора сериозни прашања за одлуките како директор и за влијанието врз здравјето на пациентите и безбедноста на системот на клиниката.
Партијата бара сите надлежни институции веднаш да го повикаат Кузмановски на распит и да го преиспитаат целото негово работење, вклучувајќи ги:
Сите тендери, одлуки и финансиски трансакции.
Сите кадровски именувања за време на неговото раководење.
Особено се нагласува дека Државната ревизија веќе констатирала неправилности во клиничките испитувања и процедурите на клиниката.
СДСМ инсистира министерот за здравство да побара од Лекарската комора додека трае истрагата, на Кузмановски да му биде одземена лиценцата за работа.
„Не може човек што се дрогира да се занимава со здравјето на луѓето или со медицина,“ порача Радеска.
Таа го оцени скандалот како доказ за начинот на кој владее ДПМНЕ и какви кадри поставува во здравствениот систем, кој е во „целосен хаос“: „Нема лекови, нема операции, луѓето не можат здравствена услуга да добијат а директорите на ДПМНЕ се дрогираат. Срамно и тажно истовремено.“
На крајот, СДСМ побара одговорност, без разлика на блискоста со Христијан Мицкоски, и го критикуваше Мицкоски за неговиот молк за овој случај.