Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска обвини дека злоупотребите со милиони евра од програмата „Еразмус+“ водат директно до ВМРО-ДПМНЕ, барајќи итна кривична истрага за сите инволвирани.
Според соопштението на СДСМ, Владата на премиерот Христијан Мицкоски за в.д. директор на Националната агенција за европски образовни програми назначила лице кое е под истрага на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами.
Партијата тврди дека не станува збор само за 2,2 милиони евра, туку за многу поголема сума. Во периодот од 2014 до 2017 година, кога Ана Михајлов била одговорно лице за евалуаторите во Агенцијата, заедно со Дорина Ѓорчева Митровска, биле доделени над 8 милиони евра европски пари.
Прашања за поврзаноста
СДСМ поставува прашања до јавноста и институциите:
Дали овие 8 милиони евра биле законски распределени или се дел од проневера?
Каква е улогата на Бошко Нелкоски, поранешниот директор на Агенцијата и ментор на новата в.д. директорка? Дали токму тој е посочен во извештајот на ОЛАФ како иницијатор на организирана проневера?
Каква е поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“? Дали тие се дел од истата мрежа на сомнителни тендери?
Клучното прашање: Во чии џебови завршија овие 8 милиони евра европски пари?
СДСМ заклучува дека станува збор за „партиска шема на ВМРО-ДПМНЕ“ и бара итна и целосна кривична истрага.