Соопштение на СДСМ од Кавадарци јавно го поставува прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ подготвува нов „грабеж на лозарите“ во Тиквешијата и цела Македонија. Партијата тврди дека лозарите повторно се оставени сами на себе, додека власта се „игра со нивната мака“.
Во соопштението, СДСМ потсетува на настаните од 2016 година, кога, како што велат, актуелниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски бил директор на Државниот инспекторат за земјоделство. Според СДСМ, тогаш ВМРО-ДПМНЕ им дале пари на винариите, додека лозарите останале со неплатено грозје.
„Денес повторно гледаме исто сценарио. Повторно имаме проблем со откупот на вранецот. Повторно истите луѓе, истата партија и истата шема“, се вели во соопштението.
СДСМ Кавадарци го повикува и градоначалникот Митко Јанчев да одговори на прашањето каде е ветената дестилерија.
Тие тврдат дека Јанчев пред избори им ветил на лозарите изградба на дестилерија, која би помогнала во години со вишок грозје. Наместо тоа, според СДСМ, се отвораат „сомнителни винарии и откупни пунктови“, каде што лозарите губат, а профитираат фирми блиски до партијата.
Соопштението завршува со порака дека лозарите имаат право на чесна цена и фер третман, а народот и лозарите паметат и „нема да дозволат нов грабеж“.