СДСМ: Кумот на Максим Димитриевски со поддршка на ДУИ си спечали 350.000 евра

Денес, на прес-конференција, советничката на СДСМ во Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска, го претстави најголемиот урбанистички корупциски скандал што, како што изјави, го видел Куманово во последните децении. Според Мургашанска, скандалот е организиран, координиран и спроведен под директно влијание на градоначалникот Максим Димитриевски.

“Граѓаните ќе дознаат дека движењето ЗНАМ е всушност движење за корупција и богатење на неговиот претседател Максим Димитриевски. Големиот поборник за правда, кој својата кариера ја изгради противејќи се на ДУИ, сега во соработка со советниците токму на ДУИ, си изгласа ДУП, со кој очигледно дебело се офајди со сума од 350.000 евра,” истакна Мургашанска.

Според неа, ова што го режирал Димитриевски, поддржан од советниците на ДУИ, треба да влезе во книгите за организиран криминал и корупција. Таа ги презентираше следните факти:

Преку политички притисок, се изгласала измена на Деталниот урбанистички план на просторот кај поранешен ЧИК Куманово, односно простор од над 40.000 м² државно земјиште, под изговор за инвестиција на “Лидл”.

Во август 2023 година, Општина Куманово распишала тендер за продажба на државно земјиште во индустриската зона Речица. Купувач била компанијата “Лидл”, со договорена цена од 5,5 милиони евра.

Само два месеци подоцна, парцела во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски била купена од кумот на Димитриевски, Драган Митевски, за 250.000 евра. Набргу потоа, истата парцела била препродадена на “Лидл” за 600.000 евра.

“Кумот на Димитриевски заработил 350.000 евра за само неколку дена. Без бизнис, без инвестиција, без ризик. Само со купи-продај!”, изјави Мургашанска, потенцирајќи дека овој случај е “корупција чиста како солза”.

СДСМ бара итна реакција од институциите:

1. Јавното обвинителство да поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, тргување со влијание и корупција.

2. Државниот завод за ревизија да изврши целосна ревизија на постапката за измена на ДУП-от.

3. Државната комисија за спречување на корупција да отвори истрага.

“Куманово не е приватен бизнис на семејството Димитриевски. На граѓаните им должиме чиста институционална средина, а не тајкуни со функција,” додаде Мургашанска, повикувајќи ги новинарите, граѓаните и институциите да ја следат аферата до крај.