ВМРО-ДПМНЕ повторно ги активира старите, добро познати методи од времето на режимот, предупредуваат од СДСМ. На денешната прес-конференција, потпретседателот на партијата, Методија Илиевски, алармираше за скандалозна набавка на софтвер од страна на Министерството за внатрешни работи, наменет за шпионажа и прислушување.
„Сведочиме за рестартирање на режимските практики – контрола преку страв, следење, прислушување на новинари, активисти и сите кои мислат поинаку од власта. МВР, на почетокот на мај, потпишало договор за набавка на софтвер кој се користи за прислушкување на телефонски уреди,“ изјави Илиевски.
Според информациите презентирани од СДСМ, станува збор за алатки како „Cellebrite Insights Pro“ и „NoviSpy“, кои се поврзуваат со српската Безбедносно-информативна агенција. Светските медиуми, како и технолошки компании, меѓу кои и Google, јавно укажувале дека овој софтвер бил користен за следење и надзор на новинари и активисти во повеќе земји.
„Во својот извештај, ‘Амнести интернешнл’ јасно укажува на злоупотребите и методите со кои овие алатки биле користени за масовно прислушување и репресија,“ рече Илиевски.
Како што посочи СДСМ, МВР склучило договор за годишни лиценци за следниве софтвери: Cellebrite Inseyets Online Pro, Recon ITR, Recon Lab, како и Exterro FTK Enforcement Bundle, со вкупна вредност од 9 милиони денари.
„Зошто токму овој контроверзен софтвер, познат по скандали и злоупотреби, е изборот на МВР? Дали повторно се подготвува ‘масовно прислушкување’, без судски наредби и контрола? Кој ќе го надгледува користењето на овие системи и дали граѓаните повторно ќе бидат жртви на незаконско следење?“ праша Илиевски.
СДСМ побара итни одговори од Министерството за внатрешни работи, а надлежните институции да отворат постапка за испитување на легалноста и транспарентноста на оваа набавка.
„Јавноста има право да знае дали повторно се воведува тајна полиција, а граѓаните повторно стануваат цели на режимска контрола. Ваквиот пристап нема да помине без одговорност,“ заклучи Методија Илиевски.

