СДСМ: Мицкоски молчи за криминалите на ВЛЕН, ДУИ недопирлива под неговата власт

СДСМ денеска излезе со реакција, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски за соучесништво и молк пред криминалот на своите коалициски партнери. Според социјалдемократите, ВМРО-ДПМНЕ ветувала пресметка со ДУИ, но веднаш по преземањето на власта, првото што го сторил Мицкоски било – „да му дозволи на Артан Груби да избега“.

„Смешен е Мицкоски кога го обвинува СДСМ дека слугува на ДУИ, обидувајќи се така да го прикрие сопствениот срам. За една година власт, ниту еден функционер на ДУИ не е допрен“, реагираат од СДСМ.

Партијата го обвинува премиерот и за молк пред, како што велат, криминал тежок 225 милиони евра поврзан со новиот коалициски партнер – Изет Меџити. „Молчи за дивоградбите во Чаир, молчи за злоупотребите на Гаши, молчи за скандалите на косовската граница каде терористи, барани со потерници, слободно минувале“, стои во соопштението.

СДСМ тврди дека Мицкоски го предал сопственото членство и дека токму тој, со својата коалициска математика, ја продал идејата за „зачистување на криминалот“ – поради што, како што најавуваат, ВМРО-ДПМНЕ нема да има свои кандидати за градоначалници во западна Македонија.

„Кој сега слугува на ВЛЕН, Мицкоски? Овие лажни политики ти ги препознаваат и твоите членови, но и сите граѓани“, порачуваат од СДСМ.