Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска одржа прес-конференција на која го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека повторно сака да биде „шпицен градоначалник“. Според СДСМ, Мицкоски сега му дели задачи на кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по истата шема што ја користеше со Данела Арсовска.
СДСМ потсетува дека соработката меѓу Мицкоски и Арсовска заврши со хаос и уништување на главниот град, откако „се скараа за рацете во медот“.
„Скопјани добро се сеќаваат: кога Мицкоски и Арсовска делеа задачи и бизниси, сè им функционираше. Заедно ветуваа бесплатен превоз, а Мицкоски најавуваше 100 нови електрични автобуси, па дури и фабрика за производство. Но, се скараа за рацете во медот и го заглавија главниот град во хаос“, се вели во соопштението.
Според СДСМ, актуелното владеење во Скопје е „целосно игнорирање на интересите на граѓаните“ и пример за тоа како партиските интереси се ставаат пред здравјето и животот на луѓето.
Партијата предупредува дека со соработката меѓу Мицкоски и Ѓорѓиевски, граѓаните можат да очекуваат „нови разочарувања, нов хаос и нови бизнис-договори на грбот на граѓаните“.
На крајот, СДСМ порача дека Скопје заслужува искреност, решенија и градоначалник што ќе работи со визија и план, а не „нова Арсовска по диктат на Мицкоски“.