Кандидатката за градоначалник на Бутел од СДСМ, Оливера Ливриниќ, најави изградба на Дом на културата, проширување на плоштадот и нов парк со вештачка карпа за качување како дел од нејзината програма, ветувајќи дека ќе стави крај на децениските проблеми со поплавите и ќе отвори нови можности за економски развој. Ова таа го соопшти по посетата на речиси сите домови во населбата Живко Брајковски, каде што со тимот на советници ги презентираше своите проекти.
Ливриниќ нагласи дека во Живко Брајковски мора да се прошири постојниот плоштад и да се создадат подобри услови за младите. Централен проект е изградбата на Дом на културата, кој ќе биде посветен на жителите, уметниците и младите. Проширениот плоштад ќе стане вистинско место за култура, спорт и забава, со цел Бутел да биде живо и динамично место.
Покрај тоа, на левата страна од булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ ќе се изгради нов парк со зеленило, урбана опрема и вештачка карпа за спортско качување, нова зелена оаза за рекреација на сите генерации.
За решавање на долгогодишните инфраструктурни проблеми, Ливриниќ вети изградба на атмосферска канализација на сите краци од улицата „Хо Ши Мин“, со што конечно ќе се стави крај на деценискиот проблем со поплавите во тој дел од општината.
Во поглед на економијата, ќе се изработи Детален урбанистички план за новата економска зона на десната страна од булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, план кој треба да отвори нови можности за инвестиции и вработување.
„Ова не се ветувања. Ова се дела што ќе се видат. Време е Бутел да направи вистински избор,“ заклучи Ливриниќ.