Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со соопштение во кое остро ја критикува владата на ВМРО-ДПМНЕ за, како што тврди, „невидена партизација“ на институциите пред изборите. Според СДСМ, над 700 огласи за работа во повеќе институции, вклучувајќи ги М-НАВ и Министерството за одбрана, се користат исклучиво за вдомување на партиски кадри.
Партијата обвинува дека квалификуваните и стручни кандидати се отфрлаат, а местата се пополнуваат со партиски луѓе, при што се партизираат дури и позициите за лични асистенти на деца со посебни потреби.
СДСМ го посочува вработувањето на Атанас Стамнов во М-НАВ, лице без релевантно искуство во воздушниот сообраќај, чија сопруга, Анита Стамнова, е директорка на Централниот регистар. Исто така, го наведува унапредувањето на братот на претседателот на управниот одбор, Александар Ристовски, како доказ за непотизам.
Во Министерството за одбрана, според СДСМ, се случува „уште поголема манипулација“. На конкурсот за 60 места за офицери, иако 74 кандидати ја поминале селекцијата, само 29 имиња се нашле во решението. СДСМ обвинува дека тврдењето на Министерството дека останатите кандидати ќе бидат пренасочени во „втора група“ е целосна манипулација, со цел да се отвори нов оглас за партиски подобни кадри.
СДСМ тврди дека ваквите практики ја уништуваат последната капка надеж кај младите и дека не е изненадување што минатата година се иселиле над 17.000 луѓе.
„Граѓаните треба да бидат свесни дека пораката на ВМРО-ДПМНЕ е јасна: нема место во оваа држава за чесните, работливите, оние кои вложувале во себе и својот развој. Единствениот пат до успехот е или преку партијата или преку граница“, се вели во соопштението.