СДСМ: Ниту ВМРО-ДПМНЕ не ги отфрла нашите црвени линии – подготвени сме за консензус

Опозициската партија СДСМ изрази задоволство што по објавувањето на нивната Резолуција со црвените линии, ниту една политичка партија, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ, не ги отфрла ниту самите црвени линии, ниту предложените чекори за евроинтеграција.

​Од СДСМ нагласуваат дека Резолуцијата е во заеднички национален и државен интерес, бидејќи ги содржи сите неопходни одредници за заштита на македонскиот јазик, идентитет, историја и култура, а истовремено предвидува јасни државни позиции за евроинтегративниот пат.

​Во однос на коментарите на премиерот Христијан Мицкоски за наводни „лажни и неточни историски факти“ во текстот, од СДСМ нагласуваат дека такво нешто во Резолуцијата нема.

​Напротив, велат од партијата, во неа се вградени прецизно, фактографски и историски, сите претходни резолуции и историски датуми поврзани со прогресот кон Европската Унија.

​„Порачуваме дебатата на оваа тема во иднина да продолжи конструктивно – на никој не му оди во прилог да се извртуваат тезите или да се укажува на неточности кои реално не постојат“, порачуваат од СДСМ.

​Партијата уште еднаш ја истакна својата отвореност за сите конструктивни забелешки од партиите и сите политички чинители, повикувајќи на национален консензус.

​„Време е конечно да изградиме национален консензус во интерес на сите граѓани и да покажеме зрелост дека партиите може да соработуваат кога се во прашање повисоки цели и иднината на државата. СДСМ е подготвен на тоа“, заклучуваат од опозициската партија.