СДСМ подготвува терен за локалните избори – следната недела се очекуваат првите имиња на кандидатите за градоначалници

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Делчево најави дека во текот на следната недела партијата ќе соопшти дел од имињата на кандидатите за градоначалници за претстојните локални избори, кои ќе се одржат во втората половина на 2025 година.

„Неделата по 16 јуни ќе објавиме група кандидати за околу триесетина општини, а до крајот на јуни ќе бидат познати речиси сите кандидати за градоначалници“, изјави Филипче.

Тој, заедно со локалните власти, направи обиколка на неколку инфраструктурни проекти во Делчево, кои – како што потенцираше – биле реализирани со поддршка од Владата предводена од СДСМ.

„Станува збор за капитални инвестиции кои значајно го подобрија животот на граѓаните – обновата на салата АСНОМ, изградбата на нова градинка за над 100 деца, реконструкција на пазарот, мост за полесно движење низ градот и новата пречистителна станица, дел од швајцарски проект, поддржан и со буџетски средства“, рече Филипче.

Тој додаде дека, за разлика од периодот кога СДСМ беше на власт, денес Делчево е целосно занемарено од актуелната Влада.

„Жалам што се прави политичка сегрегација врз основа на партиската припадност на градоначалниците. Граѓаните не заслужуваат ваков однос“, изјави лидерот на СДСМ.