Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со медиумите ја презентираше работната верзија на Резолуцијата за дефинирање заеднички позиции за продолжување на европскиот пат на државата. Целта на документот е постигнување национален консензус за стратешките цели.
Филипче истакна дека ова се „црвените линии“ на партијата. Резолуцијата содржи две главни точки:
- Владата и сите институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културни особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ.
- Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка, вклучувајќи ги и уставните измени, но со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер.
Филипче нагласи дека документот ќе биде доставен до сите политички партии, а потоа ќе биде излезен пред Собранието како заеднички документ.
Документот, исто така, доаѓа со предлог-закон за улогата на Собранието во процесот на евроинтеграциски преговори. Тој содржи и конкретна временска рамка и механизми кои чекори треба да ги преземе Собранието доколку некоја од земјите-членки задира во идентитетските прашања.
„Ако ние постигнеме национален консензус никој нема да може да се бори со нас и да не запре“, порача Филипче, очекувајќи сите политички субјекти да бидат конструктивни.