На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека под раководство на премиерот Христијан Мицкоски, трошоците за живот растат, а животниот стандард на граѓаните опаѓа поради континуирано намалување на платите.
Кузеска истакна дека се бележи намалување на реалната нето-плата три месеци по ред, како и намалување на номиналната нето-плата два месеци по ред.
- Во мај 2025 година, просечната плата изнесувала 45.796 денари.
- Во јули 2025 година, просечната плата паднала на 45.276 денари.
Тоа значи дека платата е 520 денари пониска во услови кога цените на основните трошоци се повисоки.
„Намалувањето на реална плата значи дека стандардот на граѓаните опаѓа, а расте сиромаштијата“, рече Кузеска.
СДСМ предупредува дека синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство веќе надмина 65.000 денари месечно, а едно просечно домаќинство не може да ги покрие основните трошоци за храна, сметки, превоз и лекови.
Кузеска ја оцени оваа состојба како директна последица на „неспособната влада на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и промашените економски политики“.
Партијата го критикуваше луксузот на Владата, посочувајќи дека додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, Владата на Мицкоски троши 180 илјади евра за бадеми и лешници, за папаја и манго, за луксузирање на функционерите.
СДСМ најави дека ќе продолжи да се бори за граѓаните и ќе предлага мерки и закони за раст на платите и намалување на трошоците за живот.