СДСМ: Реформските закони за правосудство ги нема, Филков да не ги опструира работните групи

На денешната прес-конференција, Снежана Калевска-Ванчева, претседателка на Комисијата за правда на СДСМ, остро ги критикуваше политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека по речиси една година од нивното владеење, Македонија е сè подалеку од концептот на правна држава.

„Нема ни правда, ни правна сигурност. Партизирани институции, селективна правда и отсуство на владеење на правото – тоа е реалната слика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Тие создаваат систем по нивна мерка, без почит кон вистинските општествени потреби,“ изјави Калевска-Ванчева.

Таа нагласи дека она што ВМРО-ДПМНЕ го вети како втор столб во владината програма – реформи во правосудството, денес го нема. Наместо тоа, сведочиме на задоволување на лични и партиски интереси.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ за речиси една година не исполни ниту едно од ветувањата за системски решенија. Не успеа да ги реализира промените за независни, транспарентни и ефикасни правосудни органи,“ додаде Калевска-Ванчева.

Наместо реформи, како што истакна, гледаме ретроградност и застој, идентично како во времето на заробените институции. „Ова не е систем на владеење на правото – ова е чиста партиска злоупотреба,“ потенцираше таа.

Според неа, власта продолжува да влијае врз правосудството и да го држи во партиски стеги. „Свесно се доцни со реформската агенда и со секторската развојна стратегија за правосудство (2024-2027), иако во неа се предвидени јасни чекори, прецизни рокови и средства од ЕУ преку Планот за раст,“ истакна Калевска-Ванчева.

Само за потсетување, до јуни 2025 година, согласно реформската агенда, треба да бидат донесени следниве законски измени:

Закони за плати на судии, обвинители, судска и обвинителска служба – за кои ЕУ предвидува над 2 милиони евра.

Нов Закон за Судски совет со препораки од Оценската мисија – предвидени се над 6 милиони евра.

Измени во Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР – за кои се предвидени над 4 милиони евра.

„Овие закони не се само техничка работа – тие се суштински за независно судство, функционална демократија и фер избори,“ нагласи Калевска-Ванчева.

Особен проблем, според неа, претставува однесувањето на министерот за правда, Игор Филков, кој очигледно го опструира процесот.

„Од сите предвидени реформски закони, Министерството за правда стави само четири на ЕНЕР, кои допрва треба да поминат владина процедура, за потоа да стигнат до Собранието,“ изјави таа, додавајќи дека е нејасно зошто Филков го одолговлекува процесот, иако роковите се ближат.

Калевска-Ванчева истакна дека, и покрај пролонгирањето и блокадите, согласно лидерската средба меѓу претседателот на Владата, Мицкоски, и претседателот на СДСМ, Филипче, СДСМ останува конструктивна и во интерес на државата.

„Денеска ги поднесовме и архивиравме нашите коментари за четирите закони ставени на ЕНЕР. Имаме сериозни забелешки, но и конкретни предлози за нивно подобрување,“ информираше таа.

Го повикуваме министерот Филков, ако навистина се грижи за реформската агенда, да престане со опструкции и конечно да ги достави законските решенија за кои ја убедува јавноста дека се подготвени,“ порача Калевска-Ванчева.

„СДСМ останува целосно посветена на напредокот на државата, на независното судство и на враќање на правдата во Македонија. Ќе се бориме против секој обид за партиски упад во правосудството и ќе нудиме конструктивни предлози за реални реформи,“ заврши таа.