Комисијата за култура на СДСМ излезе со соопштение во кое обвинува дека Министерството за култура и туризам е заробено и партизирано од ВМРО-ДПМНЕ и коалицискиот партнер ВЛЕН, претворајќи ја културата во „бизнис и уцена“.
Скандалот е фокусиран на видео-снимка објавена од член на Комисијата за фолклор, Емин Гаџа. Според Гаџа, службеник од Министерството – Бесим Мемиш, кој е задолжен за работа со Комисијата за фолклор и е „десна рака“ на заменик-министерот Седат Сулемани (ВЛЕН), барал мито од македонски фолклорни друштва за нивните проекти да бидат поддржани на Годишниот конкурс за 2025 година.
Според СДСМ, Мемиш барал пари „во име на Комисијата“, и тоа само од македонски друштва.
Наместо казна – унапредување:
СДСМ изразува вознемиреност што и покрај тоа што за наводното однесување знаеле и министерот за култура и туризам и државната секретарка, не е преземена никаква мерка.
„Нема истрага, нема дисциплинска постапка, нема санкција. Напротив, истиот службеник бил унапреден три скалила во хиерархијата на Министерството. Ова е систем што го создаде ВМРО-ДПМНЕ, систем во кој корупцијата се наградува“, велат од СДСМ.
Тие ја обвинија власта за „лажен и лицемерен патриотизам“ што служи како чадор за корупција и злоупотреби, прашувајќи: „Вака ли се брани македонскиот идентитет? Вака ли се сака културата и традицијата?“
СДСМ бара:
Одговорност од министерот, заменик-министерот и државната секретарка.
Итна постапка за службеникот Бесим Мемиш, јасна санкција и транспарентен исход.
Видео обраќањето од сведоштвото на членот на Комисијата за фолклор, Гаџа, можете да го погледнете на неговиот ФБ, на следниот линк:
https://www.facebook.com/ share/1CvaT9p5V7/? mibextid=wwXIfr