СДСМ со жестока порака: Тошковски да си замине веднаш – станал заштитник на мафијата и насилниците

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција побара оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по, како што рече, ескалацијата на криминалот и насилството под капата на актуелната власт и вчерашниот напад врз градоначалничката на Скопје.

„Инцидентот врз Данела Арсовска е доказ за длабоко криминализирана власт, која преку полицијата и институциите ги штити организираните структури“, изјави Кузеска.

Таа додаде дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во државата се појавиле организирани криминални групи кои се чувствуваат недопирливи. „Ова е систем на страв, закани и насилство, со кој управуваат партиски шефови, а министерот за внатрешни работи е нивен извршител“, порача таа.

Кузеска посочи и на низа инциденти кои, според СДСМ, покажуваат дека Тошковски ја изгубил контролата врз безбедносниот систем:
– Преку 25 обиди за убиства и ликвидации во само една година;
– Убиство на армиски службеник од лице со потерница;
– Присуство на нарко-кланови и протекување информации од МВР;
– Полициско обезбедување на премиерот вмешано во попречување на истраги.

„Како е можно лице со активна потерница да се движи слободно и да изврши убиство? Како полицијата дозволи директен напад врз градоначалничката, без никаква интервенција?“, праша портпаролката.

Според СДСМ, нападот врз Арсовска е предупредување до сите функционери, судии, обвинители и граѓани да не ги откриваат криминалните мрежи поврзани со власта.

„Ова веќе не е држава, туку тиранија. Законот се користи за заштита на насилниците, а граѓаните се оставени без заштита“, рече Кузеска.

СДСМ апелира до јавноста дека чувството на несигурност расте со секој ден и побара итна оставка од Тошковски.

„Тој од министер стана заштитник на криминалот и мора веднаш да си замине“, заврши Кузеска.