На денешната прес-конференција, потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, упати остри критики до Министерството за правда, обвинувајќи го за активна опструкција на реформските процеси и саботажа на законските измени кои се од суштинско значење за евроинтеграциите и владеењето на правото во земјава.
„Сведочиме на шокантна неподготвеност на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и целосно отсуство на волја за спроведување на суштински реформи. Министерството за правда не само што не соработува, туку и намерно го блокира процесот,“ истакна Чупеска, нагласувајќи дека СДСМ, како одговорна опозиција, понудила соработка и експертиза уште од април, но без никаков одговор.
Таа ја предводела работната група која, според неа, професионално ги подготвила и доставила детални забелешки до Министерството, но наишле на „перманентна нереспонзивност“. Наместо директна комуникација, тие биле приморани сами да ги бараат нацрт-законите преку платформата ЕНЕР.
Чупеска посочи на сериозни пропусти во предложените закони, особено во Законот за Судскиот совет, каде осум препораки од оценската мисија останале целосно неадресирани, а три се имплементирани само делумно. Таа го оцени текстот како „правен хаос“ и додаде дека се создава впечаток за политичка распределба на местата во Советот.
„Ова не е реформа, ова е фарса! Наместо независност, добиваме зголемена партизација. Наместо демократија – централизација на моќта,“ рече Чупеска.
Како дополнителни примери на загрозување на реформската агенда, таа ги спомена:
- Законот за слободен пристап до информации: воведува „тест за јавен интерес“ што, според СДСМ, отвора простор за цензура;
- Законот за прекршоци: фокус само на казни, без превентивни мерки за сообраќајна безбедност;
- Законот за Јавното обвинителство: овозможува поголемо политичко влијание, ја нарушува независноста и ги релативизира критериумите за разрешување.
СДСМ најави дека ќе ги објави сите анализи на својата веб-страница и дека ќе бара поширока јавна дебата, која ќе ја иницира претседателот на партијата, Венко Филипче, во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции.
„Ќе продолжиме жестоко да се бориме за вистински европски реформи, за независно судство и за држава во која владее правото, а не политичките пазарења,“ порача Чупеска.