СДСМ со нови детали за скандалот со директорката на Националната агенција

​Јованче Манасков, претседател на Комисијата за образование и наука на СДСМ, денеска изнесе нови детали за скандалот со назначувањето на Ана Михајлов за в.д. директорка на Националната агенција за европски образовни програми. Манасков тврди дека Михајлов е под истрага на ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами, и дека нејзиното назначување е спротивно на препораките од Европската Унија.

​Според Манасков, Министерството за образование се обидува да ја заташка вистината, тврдејќи дека назначувањето било „во координација“. Тој, повикувајќи се на информации од „свиркачи“, тврди дека Брисел експлицитно побарал јавниот оглас да се поништи и да се повтори, токму поради кандидатурата на Михајлов, која била најоспорувана.

​„Наместо власта да ја почитува процедурата и да побара мислење од ЕУ за прифатливо лице, нахално и зад грбот на јавноста ја именува истата личност за в.д. директорка“, изјави Манасков.

​СДСМ изнесе и сомнежи за проневера на европски пари. Според Манасков, во периодот од 2014 до 2017 година, кога Михајлов била одговорно лице за евалуаторите, биле доделени над 8 милиони евра.

​Јанковиќ отвори неколку клучни прашања:

​Дали овие 8 милиони евра биле доделени законски или се дел од истрага за проневера?

​Каква е улогата на Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на Михајлов, кој наводно е посочен од ОЛАФ како иницијатор на организирана проневера?

​Каква е поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“, кои наводно се дел од истата мрежа на злоупотреби?

​СДСМ бара Владата веднаш да ја разреши Ана Михајлов и да обезбеди услови за непречена истрага на Обвинителството. Од Обвинителството, пак, се бара веднаш да постапи по наодите на ОЛАФ и да ги повика на одговорност сите инволвирани во овој скандал.