Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излезе со остра реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја Владата за неработење и осиромашување на граѓаните. Од СДСМ посочуваат дека додека премиерот Мицкоски анализира, граѓаните едвај врзуваат крај со крај.
Од партијата соопштуваат дека податоците покажуваат дека за последните три месеци потрошувачката кошничка се зголемила за над 2.000 денари, што значи дека куповната моќ на граѓаните е драстично намалена. Дополнително, се истакнува дека минатиот месец Македонија забележала инфлација од околу 5%, што уште повеќе ја намалува вредноста на платите и пензиите.
СДСМ ја обвинува Владата дека не презема никакви мерки за да го подобри животниот стандард, а Мицкоски, според нив, не само што не нуди решенија, туку го одбил и нивното предложено решение за зголемување на минималната плата на 500 евра.
Од СДСМ потсетуваат и на случајот со пензионерите, чие законско покачување на пензиите било намалено, додека, како што велат, се трошат илјадници евра за непродуктивни расходи како анкети, изнајмени авиони и егзотична храна.
Во реакцијата, СДСМ ја нагласува изјавата на Мицкоски, кој, според нив, ги навредил граѓаните со тоа што посочил дека платите не растат поради непродуктивноста на македонскиот работник.
„Неработници не се македонските граѓани, туку Владата која со својата неспособност, неработење и некапацитет го донесе граѓанинот на работ на сиромаштијата“, се вели во соопштението од СДСМ.