Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) реагира на Извештајот на Европската комисија за 2025 година, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ за „ароганција“ и „неуспешен обид“ за омаловажување на документот, кој според СДСМ, е најреалниот доказ за неспособноста на Владата предводена од Христијан Мицкоски.
СДСМ смета дека Извештајот е „најлошиот за Македонија во последните десет години“ и испраќа јасен сигнал дека Владата е неспособна и антиевропска.
„ЕК дава јасни, детални и објективни оценки во кои е содржана најреалната слика за тоа каде ја доведе Македонија власта на Христијан Мицкоски: во застој, назадување и целосна институционална парализа“, се вели во соопштението.
Клучни наводи на СДСМ од Извештајот:
- Драстично назадување и оценка „единица“ во поглавјето 24, најлоша досега.
- Судството е под политички притисоци, реформите се во застој, а антикорупциските механизми не функционираат.
- Јавната администрација е нефункционална, а 60% од законите се носат набрзина, без дебата и транспарентност.
- Стагнација во економијата и земјоделството, слабости во јавните инвестиции и поразителни резултати во образованието, со пад под просекот на ЕУ.
- Нема пари ниту предвиден буџет за спроведување на Планот за раст, што укажува на неспособност на Владата.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на прашањето: зошто државата назадува во секоја област?“, заклучуваат од СДСМ.