СДСМ: Спортот под власта на ВМРО-ДПМНЕ е жртва на хаос, корупција и неспособност

На прес-конференција, Панче Милевски – Панта, претседател на Комисијата за спорт при СДСМ, остро ја критикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, системско уништување на спортот во Македонија.

„Во изминатава година, спортот стана жртва на хаосот, корупцијата и неспособноста на владата. Наместо поддршка, спортот доби игнорирање, наместо инвестиции – кратења. Министерот Борко Ристовски, поранешен спортист, целосно заборави на вредностите кои ги претставувал на теренот“, изјави Милевски.

Според него, Ристовски не ја брани спортската заедница, туку интересите на партијата и нејзините коалициски партнери. Тој го нарече „капитен на распадот на спортот“.

Милевски посочи дека субвенциите за спорт во Буџетот за 2025 година се преполовени – од 15 милиони евра на 7,2 милиони евра, а со ребалансот се скратени дополнително на 6,7 милиони евра. Тоа, како што рече, е најниско ниво на поддршка за спорт досега.

„Нема отчет за распределбата на овие средства, ниту објавени критериуми, документи или извештаи. Единствениот увид во финансиите го имаме преку платформата Open Finance, каде се гледа селективноста и пристрасноста при распределбата на буџетските пари“, рече Милевски, обвинувајќи дека парите се делат според партиски списоци.

Тој посочи и на случаи на директно мешање во спортските институции, вклучувајќи го и конкурсот за тренери во Кошаркарската федерација, што, според него, резултирало со тоа најталентираните кошаркари од Спортската академија да останат без професионални тренери.

Како дополнителен пример за непотизам, Милевски го наведе назначувањето на блиско лице на Ристовски за државен секретар во Министерството за спорт.

СДСМ бара Државниот завод за ревизија да спроведе вонредна контрола на работењето на Министерството за спорт и распределбата на буџетските средства.

„Оваа Влада наместо да ги мотивира младите, ги одвраќа од спортот. СДСМ останува на страната на спортистите и ќе се залага за чесен, транспарентен и системски поддржан спорт“, заклучи Милевски.