СДСМ: Тошковски и инспектор од МВР на партиски состанок во Кривогаштани – бараме одговорност

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) издаде соопштение за јавност во кое го обвинува министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за злоупотреба на институциите во партиски цели, тврдејќи дека тој и полициски инспектор присуствувале на партиски состанок на ВМРО-ДПМНЕ во Кривогаштани.

​Според СДСМ, на партискиот состанок за изборите присуствувал и полицискиот инспектор при ОВР Прилеп, Сашо Јосифоски, што претставува директно кршење на Законот за внатрешни работи.

​СДСМ обвинува дека „партизираната полиција на Тошковски е целосно ставена во функција на ВМРО-ДПМНЕ“ наместо на изборниот процес, што претставува „флагрантна злоупотреба“.

​„Министерот Тошковски, наместо да гарантира независност и професионалност на полициските структури, ја претвора полицијата во сервис на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.

​СДСМ бара разрешување на полицискиот инспектор Јосифоски, суспензија, поведување дисциплинска постапка и одговорност од министерот Тошковски.

​Од партијата порачуваат дека полицијата мора да биде во служба на граѓаните, а не во служба на ДПМНЕ, предупредувајќи дека јавноста веќе еднаш видела што значи партизирана полиција – притисоци, закани и злоупотреби во изборен процес, и дека тоа нема да се дозволи повторно.